Вечно прашање: Detox – or not to Detox?

Најголем број прашања што ги добивам гласат отприлика вака: „Имам едно прашање за детоксикација на телото. Што мислите за тоа и на кој начин е најбезбедно и најсигурно да се направи?“ Ова прашање предизвикува само една реакција – Дали е можно некој навистина да верува дека ќе го исчисти телото по само неколку дена пиење сок?!

Животот преку „пократки патчиња“ и решенија преку ноќ го овозможи бобмардирањето на (социјалните) медиуми со инстант решенија кои ветуваат дека ќе Ве „исчистат“ за неколку дена. Одвнатре. Со сокови. За 3 или 5 дена. А токсините летаат надвор – за само ХУ пари.

А во реалноста – што навистина можете да направите за 3-5 дена? Со неколку дена, никогаш не можете да ги поправите грешките што сте ги направиле со недели, месеци или години. Како очекувате да се „детоксирате и исчистите“ по 3-5 дена, од кој било режим? Особено со пиење сок! Не можете да постигнете никаков (вистински) успех за неколку дена. Никогаш не било и никогаш нема да биде!!!

Тоа што не го напуштате тоалетот поради купот растворливи и нерастворливи влакна од сокот не значи дека некој отров го напуштил Вашето тело. Јас ја разбирам желбата да ги поправите грешките преку ноќ. Но, тоа е невозможно.

Токсините се насекаде околу нас и во нас. Отсекогаш биле. И засекогаш ќе бидат. Не можеме целосно да ги избегнеме, ниту треба да се трудиме. Присуството на одреден отров во нашиот организам не значи дека ни штети. Дозата е отров!!! Со оглед на ова, нашите тела еволуирале преку цврсти механизми за справување со помали количини токсини и генерално не им треба помош.

Знаете кога ќе се разболите, Ви земаат брис и велат: „Имаш Х бактерија во Y количина и таа може да се убие од антибиотикот Z “ – па Ви го даваат тој антибиотик. Потоа за пет дена доаѓате на контрола. Повторно земаат брис и мерат дека бактеријата Х е 20 пати помала од првичната бројка, велат дека се смета за безбедна количина и Ве прогласуваат за излекувани. Со ова мерење на почетокот и на крајот се потврдува дека антибиотикот Z е ефикасен против бактеријата X.

Е сега да видиме како би ја примениле истата логика на отровот X што ќе се исфрли од Вашето тело со Y сок? Значи, кој првично ќе Ви го измери тој Х токсин? И кој го измерил отпосле? Како го внесовте токсинот Х во телото? Зошто сокот Y е најефикасен против него, кога има други сокови? Тие 3 или 5 дена се навистина доволни за да се ослободите од Х токсините?

Очигледно, кога некој ќе Ви понуди да Ве детоксира, љубезно Ве замолувам да го прашате кој точно отров ќе се исфрли од Вашето тело, до кој степен и како ќе го мерите успехот. Да не биде: „продавачот на магла“ Ве исчистил од – магла.

Ако поминете еден ден на лесна растителна храна со повеќе влакна, можете да го ослободите дигестивниот систем и да се „одморите“ од тешката храна, да го смирите телото. Особено после прослави, слави, празници – кога сите сме неумерени.

Што е вистински детокс?

Дали знаевте дека нашите клетки постојано се менуваат? За околу 10 години, сите клетки во коските се заменуваат. Некои клетки се заменуваат побрзо, како што се оние во цревата, и се заменуваат во рок од неколку дена. Црвените крвни зрнца живеат 4 месеци, а клетките на кожата целосно се заменуваат за 3 недели. На црниот дроб му треба околу една година, а нервните клетки се доживотни.

Ние сме она што го јадеме и она како живееме – но како што не можеме да „расипеме“ преку ноќ, така не можеме ни да се „средиме“ преку ноќ. Сигурно не со тоа што ќе седиме на тоалет затоа што сме се предозирале со влакна. И не – црниот дроб и бубрезите нема да работат подобро затоа што сте пиеле некои сокови 3 или 5 дена.

Вистинската детоксикација е кога долгорочно се посветувате на „диета“ и начин на живот кој нема да ги оптоварува органите за чистење (црниот дроб, бубрезите, белите дробови, како и лимфниот систем). Вистинската детоксикација е кога ќе престанеме да се труеме со индустриска храна, алкохол, тутун (или сето тоа максимално ќе го намалиме во согласност со можностите) – па ќе му дозволиме на организмот да се доведе САМИОТ во ред.

Невозможно е да не внесеме ништо штетно, но колку помалку лоши работи внесуваме – толку полесно здравото тело ќе се справи со непотребните „вишоци“. Добрата исхрана ќе му помогне на црниот дроб да работи подобро во одреден временски период. Ова има смисла бидејќи колку подобро функционира црниот дроб, толку е полесна и поефикасна „природната детоксикација“.

На што треба да се концентрирате?

Наместо детоксикација, концентрирајте се на внесување доволна количина на овошје и зеленчук во природна или изблендирана форма. Смути може значително да придонесе за квалитетот на исхраната (ама не да биде единствената храна во текот на денот) – како совршена алтернатива доколку од оправдани причини не можете или не сакате да ги консумирате сами. Заборавете на детоксикацијата. Тоа е само уште еден, иако многу успешен обид да се продаде магла, да се создадат проблеми таму каде што ги нема и да се создаде некакво имагинарно решение. Наместо да се ослободите од имагинарните токсини, фокусирајте се на вклучување на докажани хранливи материи.