Дојде време да ја испратиме тиквичката и на нејзино место да ја дочекаме тиквата. Па какво испраќање би било тоа ако не е чоколадно??!!! 😎
Еве едно брзинско брауни, кое подолго се пече него што се мати (значи, подолго Ви мириса дома, а со тоа и нетрпението си трае и трае…). Всушност, има уште „потежок“ момент – чекањето да се подолади кога ќе се испече 😁😁
Состојки:
- 220 гр овесно брашно
- 30 гр какао во прав (јас ставив рогач)
- кесичка прашок за пециво
- 1 лажичка инстант кафе во прав
- околу 200 гр рендани тиквички
- 100 гр путер од кикирики
- 100 гр мед / јаворов или урма сируп
- 2 јајца (или 150гр сос од јаболка)
- 120 мл млеко по избор
Изрендајте ги тиквичките и малку исцедете ги од вишок вода. Измешајте посебно суви и посебно влажни состојки. Потоа сувите додадете ги кон влажните, но внимавајте да не мешате премногу. Печете на 175*C 60-70мин…
…неколку мали совети:
- немав дома какао, па ставив рогач, што е, всушност, поздравата верзија
- ако Вие ќе го мцкате браунито, ставете кафе, но ако е за дечиња, ставете 50 г сецкано чоколадо
- ако сакате веганска верзија, наместо јајца, ставете сос од јаболко (има готовo во ДМ или сами изрендајте и малку продинстајте го јаболко на огин, колку да се згусне)
- печењето зависи од рерната, јас печев отприлика 60 мин, со вентилатор опција. Најдобра тест проба е со чепкалка за заби (некористена😄), треба да биде сува откако ќе го боцнете тестото
Уживајте и во мирисот, а потоа и во вкусот 🥰🥰
